ИСТОРИЈА НА БОЛНИЦАТА

Постојат пишани податоци за медицински активности на овие територии уште од античките времиња. Таквите активности биле изведувани во Асклепиевиот храм. Следните хронолошки податоци датираат од 13 век и се особено квалитетни и обемни. Главниот лекувач во тие времиња, свештеникот Варвар Охридски, бил директен ученик на Климент Охридски. Тој занаетот го изучил во болницата на Плаошник, која била интегрален дел од најстариот универзитет во Европа. Бројни податоци постојат за медицински активности , особено од организиран тип на формирање на болници, во отоманскиот период и во периодот меѓу двете светски војни.

Почетоците на современиот здравствен систем датираат од периодот по Втората светска војна со основањето на повеќе медицински институции од амбулантски тип во регионот, како и со повторно отворање на Градската општа болница која постоела и пред Втората светска војна.

Стандарди на организиран здравствен систем се постигнуваат со интегрирање на сите медицински институции од амбулантски тип и Градската општа болница под заедничка управа во 1966 год и со градење на новиот објект на Градската општа болница во 1970 година, изградена на површина од 23.887 м2.

Во 2005 година битолската болница е прогласена за Клиничка болница, најдобра во својата класа по обем на пациенти и стручен квалитет во Македонија.