Онкологија

Онкологија


Онкологија


Историја

Службата за онкологија и палијативна терапија е најмладата служба во Клиничката болница - Битола.
Организирана онколошка пракса во Битола започнува во 1991 година, по иницијатива на д-р.Петар Стефановски, тогаш магистер по онкологија. Тогаш е формиран Онколошки кабинет во рамките на Службата за нуклеарна медицина во тогашниот Медицински центар. Тогаш започнува евидентирање, следење и палијативен третман на болните кои гравитираат кон Клиничкиот центар.
Од 1995 до 2000 година со стипендија на Општината во Авијано, Италија и одлука за специјализација на Министерството за здравство на Република Македонија и Медицинскиот центар, д-р. Стефановски е испратен на специјалистичка едукација во Centro di Riferimento Oncologico во Aвијано, Италија и Институтот за онкологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.
Во 2001 година формирана е Служба по онкологија и палијативна терапија, при што за прв раководител е назначен проф.д-р. Петар Стефановски, специјалист по онкологија и радиотерапија, доктор на медицински науки по онкологија.
Службата првично беше сместена на петтиот кат во болницата, во посебно адаптиран простор со три кревети. Во неа започна организиран системски медикаментозен третман на болните од солидни тумори на сите локализации. Специфичната онколошка терапија и нега се спроведува од медицински сестри со високо образование посебно едуцирани на Онколошкиот оддел при Универзитетската болница на Универзитетот во Јанина, Грција.


Нов објект, современи услови

Во 2004 година со донација на Европската команда на Американската војска и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, изграден е посебен објект за Службата за онкологија и палијативна терапија.
Новиот објект располага со модерни услови за терапија и има капацитет за прифаќање на поголем број болни. Денес, службата работи во дневно болнички режим и има на располагање 5 кревети и 6 фотељи.


Меѓународна поврзаност и научна вредност

Службата за онкологија и палијативна терапија е меѓународно призната и таа негува посебни контакти со Европската асоцијација за медицинска онкологија и Европската школа за рак.
Истата е наставна база за предметот “Онкологија” на Високата медицинска школа при Универзитетот “Свети Климент Охридски” – Битола, за прв степен на едукација и за специјалистички студии по онкологија за медицински сестри.
Во Службата се одвива и значајна научна активност при што се изведуваат повеќе интернационални мултицентрични рандомизирани студии. Целта на проектот на Министерството за здравство на Република Македонија за инсталирање на опрема за зрачна терапија е да се овозможи сеопфатно лекување на болните од рак во Југозападниот Регион на Република Македонија.


Високо едуциран кадар

Во Службата за онкологија и палијативна терапија работат:

1
Специјалист по онкологија и радиотерапија
1
Специјалист по радиотерапија
2
Дефибрилатори
1
Лекар на специјализација
4
Високи медицински сестри
1
Радиолошки технолог
1
Хигиеничар