Вести

Денес на одделението за гинекологија во битолската клиничка болница “Д-р Трифун Пановски“ се случи голем и убав настан.

Денес на одделението за гинекологија во битолската клиничка болница “Д-р Трифун Пановски“ се случи голем и убав настан. На свет дојдоа три девојчиња, кои се зачнати без ИВФ и други техники за асистирана репродукција. Оваа е карактеристична бременост и породување, бидејќи се случува еднаш на 10.000 раѓања.  Мајката и трите новороденчиња се добро, со оглед на тоа што ова се води, како ризична бременост, рече д-р Николина Ристевска, специјалист гинеколог.

Среќната мајка е Зулфија Рушмановска од село Обедник, а трите девојчиња после породувањето  се во инкубатор  и за нив се грижи неонатологот д-р Лилјана Момева.

Според д-р Момева, трите девојчиња се родени во 34-35  гестациска седмица и заради родилната тежина се во инкубатор и се  витални. Првото е родено со 2,6, второто 1,6 и третото 1,56 килограми.

Во тимот за породување покрај д-р Ристевка, беа и гинекологот д-р Васа Божиновска и анестезиолот Игор Неделковски.

На родилката ова и е втора бременост, а од првата има син. Таа изјави дека се чуствува одлично и без страв при породувањето и за време на бременоста, за која лекарите велат дека била ретко дисциплиниран пациент и ги применувала сите совети и препораки на лекарите, а посебно на матичниот гинеколог д-р  Елизабета Никодинова, која ја следеше целата бременост.

Сподели:

Клучни зборови: Родени три девојчиња, Клиничка болница Битола