ЈЗУ Клиничка болница Битола го најавува повторното отварање на школата за родителство - школа за трудници, која е наменета за едукација и обука на идните родители, со цел на полесен пороѓај, истите да се охрабрат за одговорно и успешно родителство, но и да се едуцираат како да се справат со секојдневните предизвици што ги носат нивните нови улоги.
Во тек е формирање на групи, кои ќе започнат со работа во текот на месец Ноември 2023 година, ќе бидат составени од родилки кои се заинтересирани да ја посетуваат школата, истите да се подготват и стекнат со информации како ќе се одвива пораѓајот, техниките за дишење при истиот за подобра оксигенација на плодот, начините како да се подигне прагот на толеранција на болка и полесно поднесување на родилните контракции. Во текот на бременоста потребно е вежбање на техниките за дишење, бидејќи правилно изведените техники на дишење и напнување го намалуваат бројот на перинеални трауми. Затоа на трудниците им советуваме посетување на школата со наполнета 28 гестациска недела, не покасно.
Школата за трудници има за цел да им пружи реална слика на самиот пораѓај, начинот на доење како и балансиран начин на живот после породувањето и правилна нега и исхрана на детето. Идните родители ќе бидат информирани и ќе знаат како правилно и совесно да се грижат за своите деца, применувајќи ги современите јавно здравствени упатства и доктрини.
Во пријатна атмосфера, преку разговор со стручни лица, предавања, совети и вежби, ние ќе Ви помогнеме да го дочекате своето бебе спокојно, самоуверено и без страв.
Вложувањето во оваа мајчина школа значи едно поздраво и посоодветно поколение, а вложувањето во нашите деца е вложување во нашата иднина!
Не ја пропуштајте приликата да дознаете се во врска со пораѓањето и одгајувањето на здраво бебе од прва рака.
Бидете спремни и едуцирани родители!
Ве очекуваме!
Пријавувања за посета на мајчинска школа ќе се вршат на телефонскиот број: 075 49 59 48